Врз основа на информациите што ги дадовте во вашата онлајн апликација или во текот на вашето јавување на My Aged Care, може да бидете упатени на процена за подобро да се разберат вашите потреби од поддршка.
Процената се прави лично, кај вас дома. Не треба да одите никаде. Организација за процена ќе ви се јави за да ги потврди вашите потреби врз основа на информациите што сте ги дале и ќе организира термин за комплетирање на вашата процена.
Како треба да се подготвам за мојата процена?
За процената треба:
- да ја имате со себе вашата Medicare картичка и уште еден документ за докажување на идентитетот - како што се картичка на Department of Veterans' Affairs, возачка дозвола, картичка за здравствена заштита [healthcare card] или пасош
- да имате копија на некој упат од вашиот доктор
- да размислите дали сакате да биде присутно лице за поддршка
- да имате со себе било која информација што веќе ја имате за услугите на нега на стари лица за кои би сакале да разговарате
- да ги имате со себе податоците за контакт на вашиот доктор по општа пракса (GP) или на други медицински лица
- да размислите дали ви треба специјална помош за комуницирање, како што е преведувач или преведувач за Auslan
- да имате информации за поддршките што ги добивате.
Што ќе се случува на процената?
Пред да почне, вашиот проценител ќе ве праша дали се согласувате да ви биде направена процена. Тој или таа исто така може да побара ваша дозвола да разговара со луѓе кои ви даваат поддршка, како што се вашето семејство или вашиот негувател.
Може ќе треба да се пополни образец
Ако се прави сеопфатна процена (comprehensive assessment) за некои услуги како што се нега во старски дом, нега кај вас дома, и флексибилна нега, проценителот ќе побара да пополните апликација за нега [Application for Care Form].
Проценителот ќе разговара со вас за вашите потреби
Проценителот ќе има копија на информациите што сте ги дале на контактниот центар на My Aged Care или во апликацијата за процена. Тоа му дава на проценителот претстава каква поддршка би можела да ви треба за да го повратите или задржите нивото на самостојност потребно во вашиот секојдневен живот. Проценителот исто така ќе праша:
- која поддршка веќе имате и дали таа ќе продолжи
- за вашето здравје, начин на живот и здравствени проблеми
- како се снаоѓате со извршувањето на секојдневните должности и активности во вашиот дом
- дали имате проблеми со памтењето
- дали има проблеми со домашната и личната безбедност
- за семејството и за активностите во заедницата
- ќе разговара со вашиот домашен доктор (GP) или со други здравствени лица.
Вашиот проценител би можел да ви даде информации за даватели на услуги кои може да понудат нега што ви е потребна во вашата област. Ако се прави процена за домашна поддршка (home support assessment), вашиот проценител исто така би можел да ви даде референтни кодови (referral codes) за услуги. Исто така, проценителот би можел да разговара со вас за можните цени на вашите услуги и каде може да добиете повеќе информации.
Проценителот ќе соработува со вас во изготвувањето на вашиот план на поддршка (support plan)
Во вашиот план на поддршка е запишано што сте разговарале и што сте договориле за време на вашата процена, како што се:
- вашите силни страни
- вашите тешкотии
- вашите цели
- што би сакале да постигнете
- кои желби имате во поглед на вашите услуги.
Во вашиот план на поддршка е наведено каква нега и услуги најмногу ќе ви помогнат. Оваа поддршка може да е достапна од даватели на услуги или е можеби веќе достапна во вашата заедница. Исто така може да има работи што помагаат да ја повратите самодовербата и способноста да се вратите на секојдневните активности.
Проценителот ќе ви даде копија на вашиот план на поддршка
Проценителот ќе ви даде копија на вашиот план на поддршка. Планот може да ви биде даден во времето на процената или да ви биде пратен по пошта или имејл. Вашиот план на поддршка исто така може да го видите на вашата My Aged Care онлајн сметка.
Вашиот проценител може да праша дали сакате вашиот план на поддршка да биде достапен на вашиот My Health Record. Тоа ќе направи вашиот план на поддршка да биде достапен на вас и на вашите доктори. Ако не сакате тоа да се случи, ве молиме речете му на проценителот. Мислењето може да го промените во секое време јавувајќи се на My Aged Care на 1800 200 422 и барајќи планот на поддршка да биде споделуван или отстранет.
Прашања до проценителот
Исто така можеби ќе сакате да поставите ваши прашања, како на пример:
- Кои услуги се достапни за да ми помогнат да ги постигнам моите цели?
- Кои услуги се достапни локално и колку се чека за нив?
- Каква поддршка има за мојот негувател?
- Има ли даватели на услуги кои го зборуваат мојот јазик или ги претставуваат моите верски или културни уверувања?
- Како може да контактирам со проценителот ако имам прашања после процената?
Дали може да имам некој со мене?
Да. Никогаш нема да бидете сами во овој процес. Ако сакате, член на семејството, пријател или негувател може да биде со вас во текот на процената.
Ако ви треба преведувач, вашиот проценител може да го организира тоа. Речете му на проценителот дека ви треба преведувач кога ќе се јави да ја закаже вашата процена.
Older Persons Advocacy Network [Мрежата за застапување на стари лица] исто така може да ви помогне и да ви даде информации за вашите права. Застапници се достапни на сите Австралијани кои бараат или добиваат услуги на нега на стари лица. Ова е бесплатна услуга.
Јавете се на National Aged Care Advocacy Line на 1800 700 600 (бесплатни повици) или посетете ја веб-страницата на Older Persons Advocacy Network.
Комуникациски услуги
The Translating and Interpreting Service [Службата за писмено и усно преведување] (TIS) е на располагање ако ви треба помош или сакате да комуницирате на јазик што не е англиски.
За повеќе информации ве молиме јавете се на My Aged Care on 1800 200 422 (од понеделник до петок меѓу 8 наутро и 8 навечер и во сабота од 10 наутро до 2 попладне) и ние ќе организираме преведувач кој ќе ни помогне да одговориме на вашите прашања.
Исто така може да се јавите на 131 450. TIS покрива повеќе од 160 јазици и е достапен 24 часа дневно, седум дена во неделата, по цена на локален повик.
TIS ќе организира преведувач да ви помогне да разговарате со Aged Care.
Оваа страница е последен пат ажурирана на 9-ти декември 2024 година.